Сите лица на Петре М. Андреевски - Зошто “Сите лица на Петре М. Андреевски“

Театарски проект


Започнува реализацијата на еден редок проект кој може да се нарече отелотворување на светот за кој пишува Петре М. Андреевски.
Станува збор за: -мултидисциплинарен
-мултимедијален
и мултилингвален
театарски проект насловен како
„Сите лица на Петре М. Андреевски“
во режија на Владо Цветановски & Драмскиот театар во Скопје.

Пиреј

Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева.  Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

Петре за долгот кон народот


„Кога ги маркираме духовните вредности на народот, секогаш тргнуваме од некои култни крепости и лостови на својот историски континуитет. Дали тоа ќе биде свети Климент Охридски, ренесансните сликари Михајло и Евтихиј, дали Цепенков и Мисирков, дали Рацин или Блаже Конески? Но, народот на кој се крепи нивната аура, речиси редовно го изоставаме. А, го изоставаме зашто никогаш не сме се прашале колку сме позајмиле од него. А, со самото тоа не знаеме ни колку му должиме“

Петре за Љубовта

Човек без љубов е човек без свој лик, без своја трага, без свое име, без свое време, без своја содржина.

6 Февруари, 2008 - 17:30
Зошто “Сите лица на Петре М. Андреевски“

Или зошто Петре М.Андреевски?

Во едно свое обраќање, Петре М.Андреевски ќе забележи: “Се што сум напишал досега било поттикнато од овие простори, од овој енергетски систем, од овој храбар и духовит народ кој знае и смртта да ја исмева. Јас не знам за кои луѓе би пишувал ако не бевте вие на чие говорно искуство се научив и да мислам.
Всушност, сите вие на еден или друг начин сте влезени во моите книги.”

Многу пати истакнувал дека се што прави е прераскажување на радостите и тагите, на среќата и несреќата на луѓето од овие простори, сметајќи се себеси за продолжувач на народните раскажувачи, што јасно се гледа и од поднасловот -записи, искази и прераскази- на неговата збирка “Неверни години”.
Овој исклучително изострен осет за препознавање на боите, мирисите и звуците на овие предели и за ослушнување на дамарите на душата на луѓето во нив, на Петре М.Андреевски му овозможи најдлабоко да го разбере народниот поглед на свет на Македонците.
Да го разбере и да го запише, сметајќи го јазикот за најсилно оружје и духовно знаме на народот и грижејќи се да го сочува во добра кондиција.

Со други зборови, како што ритамот во хаику песните произлегол од ритамот на дишењето на Јапонците, како што ритамот на Пушкин е ритам на руската душа, така и ритамот на Петре Андреевски се прима како македонски здив. 
Неговите зборови и слики допираат до најдлабоките слоеви на македонските магиски ритмови, како што зборовите и сликите на Маркес наоѓаат извориште во латино-американските митски матрици.
А секогаш кога ќе се трага по древните народни обрасци и формули се стига на самите извори на Времето, до архетипските матрици кои му припаѓаат на целиот човечки род.
И ако постои сеопшта поврзаност на човештвото, таа никаде не може толку добро да се почуствува како на ниво на прасликите кои највистинито ги зближуваат луѓето.
Тоа на делото на Петре М.Андреевски му дава универзална димензија заради што во него може да се препознае секој човек.

Непрекинатиот процес на десакрализација го има одземено духовното значење на животот на современиот човек, но притоа не успеал да ги уништи обрасците на неговата имагинација.

Цел еден митолошки свет и натаму живее во тешко достапните предели на свеста. Едноставно, митските слики и симболи и припаѓаат на самата основа на духовниот живот, не уверува Мирча Елијаде.
Постојат мигови во човечкиот живот, мигови одбележани со големи страданија и вознеси, кога прасликите изронуваат на површина и му даваат смисла на животот.
Постојат и човечки творби кои имаат моќ да ги оживеат.
Во овој круг се впишува и делото на Петре М. Андреевски.

Целта на проектот е да ги разбуди прасликите и со нив поврзани исконските чувства кои сите ние ги носиме запретани во длабочините на нашата колективна и индивидуална меморија.

Јелена Цветановска
логирај се за да пишуваш коментари | за печатење | прати по e-mail | 332 пати прочитано | трекбек url   #